Повеќеслојната и продлабочена потрага по вистинскиот идентитет и суштинското „јас“ често се спроведува со бегството од стварноста и од болната и здодевна реалност. Романтизмот како движење во кое се проткајува светската болка и тага, како и меланхоличното чувство, иницира едно тргнување по еден духовен пат кој е силно потхранет од имагинацијата и фантазијата. Сега, токму овој пат води до една нова мета-реалност и поидеален свет на слобода, бесмртност, духовност и среќа, како и до една нова состојба на ослободување од суровата реалност на времето на постоење. Токму оваа комплексна тема на бегство од постоечката сфера на егзистирање и идејата за либерација од неокласицисистичките, механички, материјалистички и стерилни сентименти, се слави во романтичарските дела, меѓу кои за најзначајни се земаат делата на Вордсворт, „Странствувањето на Чајлд Харолд“ на Бајрон, и, секако, Пушкиновиот енциклопедиски коментар на руското социо-економско општество, „Евгениј Онегин“. Со сигурност, бегството како елемент на опусот на овие романтичарски творби на 18. и 19. век, е сретство кое ја разгорува човековата жед за слобода, ја поддржува револуционарната енергија на истиот временски период и тенденциите за одалечување од конвенцијоналноста и поддржува приближување кон она што е индивидуалистичко за секој човек. Истиот елемент на романтичарско творештво е и продукт на човековата психолошка и физичка дисатисфакција. Конечно, ваквата потреба за трансценденталност и бегство во лавиринтот на умот и постојаното трагање по своето „јас“, како и по клучот на животната тајна, е тема која се фокализира со ликовите на Евгениј Онегин, Татјана Ларина и Владимир Ленски во делото на великанот Пушкин.
Бегството како движење кое има цел за ослободување на духот и сетилноста од постоечките и конструирани општествени стеги е особено нагласено во „Евгениј Онегин“ преку споменатите водечки ликови. Впрочем, внатрешните нагони кои ги придвижуваат ликовите на Пушкин да западнат, како Алиса, во светот на чудата, и да посегнат по едно самоизлишување и прогонување од познатиот простор во една непозната сфера и време на егзистирање се поврзуваат со романтичарската цел за креирање на поидеален свет, налик утопија. Преминот во друг и паралелен временски, просторен или психолошки свет е свртување кон она што е уникатно и субјективно за човекот, како и обид за редефинирање на постоечкото, но и за преиспитување на валидноста на веќе-поставените норми, правила и животни максими. На прва, куклите на кои творечкиот гениј, Пушкин, решава да им вдахне чувство на незадоволност, но и една осаменост и неразбраност од општеството, кои ги водат до состојба на отуѓување се Татјана и Онегин. Впрочем, предводена од оваа отуѓеност и емотивна изолираност, женскиот идеал на Пушкин, Татјана, се сели од просторот на егзистирање, и, трагајќи по слободата, тргнува по неразодените патеки на природата. Можеби достатно е и да се каже дека, низ страниците на овој роман во стихови, овој лик ги следи своите нагони за она што е поедноставно и почовечко, па така, мистично се сплотува и соединува со недопрената и нецивилизирана природа. За разлика од другите ликови а и од својата површна сестра, таа не се интересира за мода, кукли или балови, и ги прераснува нештата кои се интересни за типичниот човек: „Ко дете неа никогаш / да игра никој не ја видел: / крај прозорец си седела / по цел ден, мисли редела“ (Пушкин 49). Слично, Татјана е засликана како тажна дама која низ шумите и планините талка, а и осамено размислува, гледајќи во ѕвездите: „А сакаше да гледа како/се раѓа тивко денот злат, / и мечтае, потпрена на балкон, / да гледа в бледен Млечен Пат/ (…) Во зима, кога таинствен се спушта мир и светот сони / во часот кога цари мрак / и плиска месецот чист зрак, / а исток сиот в мраза тони / - ко сношти, пак разбудена, / сонуваше возбудена.“ Исто така, Пучкин видливо засликува пејзажи на елементи на природата, а со тоа ја нагласува значајноста на овој свет за Татјана: „Шуми вода, / а негфе бумбар брчи мал. / И сите станари си одат (...) / Зад реката зар рибар клал / да гори оган (...) / В поле, блиску, / под месечко што светлост плиска, / Татјана сама шеташе, / со своите мисли леташе“ (Пушкин 154). Од оваа ближност со природата, Татјана црпи мудрост и природна интуиција кои ја движат понатаму низ делото и ѝ дозволуваат да се ослободи од сите стеги на класичната жена. Притоа, како романтичарски лик, Татјана го прифаќа натприродното, па така, го надраснува и познатиот свет, се препушта на примитивното што, во голема мера, креира во делото едно тенчење на линијата помеѓу сонот и јавето. Секако, значајно е сега да се спомене дека барањето на излез од постоечкиот свет, за Татјана, не се спроведува само преку бегството од познатиот простор, туку и со емотивното и мисловно засолнување во својот интимен свет. Всушност, по интуитивното испраќање на љубовното писмо до Онегин, и потоа, по Онегиновото одбивање на љубовта на истиот женски лик, Татјана сонува сон налик сказна кој, секако, е интимна љубовна манифестација. Впрочем, во сонот, во кој бурата на душевните страсти на ликот кореспондира со бурата на природата, Татјана ја пресликува својата внатрешност во природниот сетинг. Така, стравовите од кои свесно бега, во оваа состојба на несвесност се пресликуваат во форма на чудовиште, што, сепак, е елемент на природата.
Слично како Татјана, Евгениј Онегин е придвижен од потребата за бегство од еден во друг свет. Маестралното дело на рускиот великан, „Евгениј Онегин“, во согласност со романтичарското будење на имагинацијата, чувството и убавината на обичното и сите пориви на умот и сетилата, ја афирмира значајноста на провинцијалниот живот на село, нагласувајќи дека номадскиот човек, кој е создаден од кал и земја, припаѓа во таква околина. Така, на крај, водечкиот лик, кој е дел од едно фрагментирано руско општество, единствено се соидинува и спознава себеси мигот кога ќе го напушти познатиот и индустријализиран град, и ќе избега на село. Така, овој лик, на самиот почеток од творбата, го напушта вештачкиот, цивилизиран и боемски живот на градот и се пренасочува кон еден нов, природен и примитивен простор, т.е. кон провинцијата и селото. Тука, значајно е да се спомене дека, според колективот, цивилизацијата е болест, впрочем, гратскиот човек ја троши својата енергија на материјалноста, наместо на себе. Сега, за да се потиснат ваквите фрустрации, проникнува осврт кон руралната средина и природа, т.е. кон селото, што, сепак, означува обид за соединување на човекот со неговата примитивна природа. Со сигурност, селските краеви, кои не се допрени од трговската и градска валканост, ја полнат празнината на меланхоличниот Онегин која е, сепак, производ на баналниот и монденски живот. Селската природа го краси монотониот живот на Онегин, и, на крај, се заклучува дека тој, за прв пат, се соочува со автентични и интуитивни чувства во селото, бидејќи во бучниот град, тие се потиснати од баналните балови и хедонистички уживања на високите, елитни кругови. Всушност, култивираната надворешна фасада која се совпаѓа со онаа на градските згради, се руши со бегството, и Онегин, за прв пат, се сретнува со вистински и автентични чувства искажани од Татјана кога ќе избега.
Можеби како мост помеѓу споменатите сопатници Татјана и Онегин се издигнува и младиот и убав поет-цвет Владимир Ленски. Душата на робот на љубовта е полна со вечна жар која е продукт на убавината на цветчето Олга. Секако, додека жарта на Онегин е притаена, онаа на Ленски бурно се вивнува на неговата надворешна површина, што допринесува за градењето на неговите романтичарски особини. Ленски ја видоизменува својата реалност, верува во чувството, интуицијата, несвесното, и сè што е човечко, а не контролирано од разумот. Така, тој бега во својот идеализиран свет на поезијата. Токму оваа прекумерна идеализација и восхит на љубовта го втурнува Ленски во едно бегство од сегашноста во минатото и иднината, во кои на пиедестал ја издигнува наивната муза која има врат ко лебед бел. Ленски величи минато и идно време каде се гледа среќен, што, на крај, се поврзува и со романтичарското вреднување на идниот и минат свет. Но, како Онегин, го напушта и отуѓеното и суетно на градскиот свет, и по школувањето, се враќа на природното каде се живее блиску до другиот. Па, секако, за разлика од Онегин, и Ленски кој е соединет со природата, ја валоризира љубовта и човековото чувство.
Во заклучок, ликовите на „Евгениј Онегин“ се соочуваат со потреба за бегство во еден интимен свет. Додека Татјана го наоѓа своето засолниште и утопија во природата и во своите мисли, Онегин мигрира на село, а Ленски, трагајќи по среќен крај, се враќа во минатото, но и се движи кон иднината. Сепак, бегството на сите ликови говори за една заемна човечка дисатисфакција од постоечкото.
Comments